Клиника „Жан Митрев“: Одговорните лица од болницата деновиве ја доставуваат бараната документација до инспекциските служби

Во последните неколку денови одговорните лица од Клиничката болница „Жан Митрев“ се во контакт со инспекциските служби од МАЛМЕД, ДСЗИ, како и Основното јавно обвинителство и МВР, со цел достава на бараната документација, соопштија од приватната Клиника Жан Митрев.

Како и досега, посочуваат во соопштението, „во интерес на утврдување на фактичката состојба, остануваме на располагање за соработка со сите официјални државни органи“.

– Ги повикуваме медиумите и сите страни од интерес да се воздржат од превремено донесување заклучоци и изнесување разни шпекулации, наведуваат од Клиниката.

Обвинителството во понеделникот по допрен глас оформи предмет, откако ИРЛ објави истражување за клиничката болница „Жан Митрев“ и доктор Жан Митрев.

Истражувањето на ИРЛ покажа дека приватна болница, за време на Ковид-19 пандемијата го применува методот на хемофилтирација (филтрирање на крвта), кој бил клиничка студија. Клиничките студии не биле пријавени и одобрени во МАЛМЕД. Скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето.