Новинарката Вики Клинчарова, која голги години е во медиумскиот простор и пренесува интересни приказни од народот во земјава, на својот фејсбук профил сподели став кој несомнено одлично ја отсликува реалноста, па така предизвика бројни реакции.
-Како може да се убедува народ дека се е под контрола, кога со овие цени и примања, храната им станува луксуз? - е главното прашање кое го наметна Клинчарова откако го пренесе своето искуство.
Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост:
-Во овие две децении како медиумски работник, секогаш имало луѓе кои замолувале да објавиме дека им требаат донации од хуманиот народ. Најчесто се барало помош за лекување, за создавање на скромен кров над глава на семејства кои живеат во многу лоши услови, се апелирало за било какво вработување од фамилии кои се нашле во многу лоша финансиска состојба.
Ама ова кое се случува посебно во изминатиот период, не било никогаш. Цели семејства буквално молат за храна, луѓе не знаат како ќе преживеат со минимални примања или социјална помош, за плаќање на сметки и да не зборуваме.
Ваква криза, толку многу повици и апели, повеќе за огрев не си ни спомнува, како порано кога се бараа дрва или помош за плаќање на сметки за струја, за храна сега се борат луѓето!
Повозрасна жена која живее со помалку од 6.000 денари месечна помош, а не е добра со здравје, ме прашува каде да се обрати, оти еднократна помош не може да и биде трајно решение. Се стравува од зимата, кога ќе рипнат сметки до плафон, мајка со две мали деца која живее со 8.000 денари месечно веќе неколку пати се јавува, не знае кој пат да го фати, очајни луѓе насекаде!
Што да им се каже? И да објавуваме апели, народот за кого попрво и до кога ќе донира?
Какво решение се нуди за овие групи на граѓани кои се навистина многубројни? Кој ја прави оваа математика? Како може да се убедува народ дека се е под контрола, кога со овие цени и примања, храната им станува луксуз?
И најважно, има ли државата резервен план???