Клековски за медицинскиот кадар: Имаме многу кардиолози и пластични хирурзи, а недостигаат патолози, анестезиолози и радиолози

Недостигот од анестезиолози и радиолози останува еден од најголемите проблеми во македонското здравство и не може да се реши преку ноќ, бидејќи специјализациите траат шест години, изјави за Канал 5 Телевизија министерот за здравство, Сашо Клековски.

Тој оцени дека моделот со приватните специјализации, воведен во 2017 и 2018 година, не ги дал очекуваните резултати.

„Морам да кажам дека експериментот со приватните специјализации не ги даде посакуваните резултати. Не се запишуваа специјализации што му се потребни на здравствениот систем, туку оние што лекарите ги преферираа. Така повторно имаме многу кардиолози и пластични хирурзи, а недостигаат патолози, анестезиолози и радиолози“, посочи Клековски.

Министерот најави дека Владата ќе продолжи со вложувања во здравството, а приоритет ќе биде завршувањето на клиничката болница во Штип и на останатите болници опфатени со проектот, како и подобрување на условите во Клиничкиот центар во Скопје и во другите јавни здравствени установи.

Тој посочи дека се работи и на зголемување на бројот на здравствени работници.

„Пред пандемијата во јавното здравство имаше околу 20.000 вработени, а 2024 година ја дочекавме со околу 18.000. Во 2025 година бројот се зголеми на 18.900. Сега вработуваме 300 млади специјализанти и се надевам дека конечно ќе заврши процесот на вработување на лицата кои со години работат со договор“, изјави Клековски.