Клековски во посета на Диспечерската служба на здравството во Словенија - запознавање со словенечкиот модел на итна медицинска помош

Министерот за здравство, Клековски, вчера ја започна тридневната посета на Словенија со посета на Националниот диспечерски центар во Љубљана, во придружба на амбасадорот Горан Милевски.

Од Министерството за здравство посочуваат дека осетата била посветена на запознавање со словенечкиот модел на итна медицинска помош и размена на искуства во организацијата и координацијата на службите.

На средбата со претставниците на словенечкото Министерство за здравство и на центарот, предводени од директорот Андреј Финк, се разговарало за реформата на итната медицинска помош започната во 2017/2018 година. Притоа била претставена работата на Националниот диспечерски центар, кој преку две паралелни единици во Љубљана и во Марибор ги прима сите итни медицински повици и ги координира тимовите на итната медицинска помош и ургентните центри.

Во рамки на разговорите бил претставен и словенечкиот индекс за тријажа, заснован на норвешкиот модел, со кој итните случаи се класифицираат во три групи според степенот на итност и во 27 групи според причините за повикот. Биле разгледани и организациското раздвојување на докторите и тимовите за итна медицинска помош, како и стандардизацијата на возилата, од мотоцикли до хеликоптери.

Посебно внимание било посветено на воспоставените стандарди и оперативни процедури, кои опфаќаат показатели за следење на квалитетот и постапување по поплаки. Бил презентиран и системот за обука на диспечерите, која трае од шест до девет месеци, со задолжителна проверка на знаењата на секои пет години.

Министерот Клековски ја оценил посетата на центарот како инспиративен почеток на тридневната посета на Словенија. Тој истакна дека словенечките искуства претставуваат значајна основа за размена на знаења и продлабочување на соработката во подготовката и спроведувањето на идните реформи на итната медицинска помош во Македонија.