Клековски: Уште 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиолошки интервенции се пристигнати во ФЗО

Во Фондот за здравствено осигурување се пристигнати уште 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции кои ги препраќаме до Министерството за здравство за натамошно постапување, информираше вчера директор на ФЗО, Сашо Клековски. Пет се индивидуални претставки, а десет се поднесени од установа.

Клековски додаде дека досега се пристигнати вкупно 25 претставки од пациенти за сомнителни кардиолошки интервенции. 

Претставките, појасни тој, опфаќаат различни периоди, а најстарата е за нешто што се случило во 2010 година.

„Во основа има три категории поплаки, односно претставки: едната е каде можно е да им е направена интервенција на пациенти, а немало потреба од тоа, втората е каде на пациенти требало да им се направи, а не им е направено тоа што требало да се направи, и третата се однесува на пациенти кај кои од тоа што е направено нема да има помош во смисла интервенциите што се направени кај пациенти кои можеби се во терминална фаза нема да водат кон подобрување на нивната здравствена состојба или кон продолжување на животниот век. Тоа може да го спореди со давање скапи онколошки лекови на терминално болни пациенти, каде единствено палијативна нега е потребна во моментот, а тоа не е едноставна одлука, но е одлука која мора да биде донесена“, рече Клековски, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за активностите на ФЗО за зголемување на бројот на матични доктори во руралните средини.

Тој нагласи дека јавноста не треба да очекува брзи резултати и оти не е пожелно да има брзо резултати, бидејќи тие би биле погрешни.