Поголема достапност на лекови, реорганизација на итната медицинска помош, инвестиции во болничката инфраструктура и дигитализација на здравствените услуги се дел од приоритетите што ги претстави министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција.
Клековски информираше дека новата есенцијална листа опфаќа 392 лека, од кои 193 се нови. Тој се осврна и на напредокот во лекувањето на пациентите со цистична фиброза, посочувајќи дека со ЦФ-модулатори моментално се лекуваат 126 пациенти, наспроти само тројца во 2021 година.
За пациентите со мултиплекс склероза се подготвени протоколи за дисперзирана терапија, со цел лекувањето да биде подостапно и надвор од главниот град. Од вкупно 835 пациенти со оваа дијагноза, 491 живеат надвор од Скопје. Министерот информираше и дека е деблокирана донацијата на фактор VIII, а за претстојната сезона на грип се обезбедени 86.000 дози вакцини.
„Резултатите што ги презентираме не се изолирани активности, туку дел од поширок процес на системско унапредување на здравството. Зад секоја бројка стои конкретна промена, односно повеќе пациенти со пристап до терапија и подобра достапност на здравствените услуги“, изјави Клековски.
Во делот на болничката инфраструктура, тој посочи дека се обновени одделенијата за трауматологија во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и за неврофизиологија на Универзитетската клиника за неврологија, додека во Бардовци е реновиран „Машкиот оддел 2“.
Клиничката болница во Битола добива нова опрема во вредност од над 30 милиони денари, а во Клиничката болница во Тетово се вработени 109 лица кои претходно работеле со договори. Во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид се очекува да завршат активностите за изградба на ново крило и четири операциони сали. Продолжува и реновирањето на психијатриските установи во Демир Хисар.
Еден од позначајните најавени проекти е реформата на итната медицинска помош. Таа предвидува издвојување на службата од Здравствениот дом Скопје, воведување систем со парамедици и реорганизација на Ургентниот центар во Клиничкиот центар.
Клековски посочи дека остануваат области во кои се потребни дополнителни инвестиции и интервенции, меѓу кои радиодијагностиката, онкологијата, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и развојот на концепт за долгорочна нега.
Министерот најави и продолжување на процесот на дигитализација, во согласност со Стратегијата за дигитално здравство до 2030 година, чија цел е модернизација на услугите и подобрување на пристапот на граѓаните до здравствениот систем.
„Свесни сме дека пред нас има уште многу работа. Но, важно е што процесите се движат, реформите се спроведуваат, а резултатите постепено стануваат видливи. Нашиот фокус останува на пациентот и создавањето здравствен систем кој ќе биде одржлив, современ и достапен за сите граѓани“, истакна Клековски.