„Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, проектот „Класика за деца“ го продолжува во општина Кисела Вода. Ќе реализираат концерт за деца во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, денеска, со почеток во 17 часот.

Насловот на концертот е „Музика и танц“ и ќе биде изведен со гудачки квартет. Преку изведбата на класичните композиции ќе биде објаснето како се восприемала музиката за танц во минатото и како музиката за танц се менувала низ времето од барок преку класика и романтизам, па сè до посовремените музички изрази.

Од почетокот на годината Пламенка Трајковска организира интензивна кампања во сите скопски општини за добивање поддршка за реализирање концерти за децата од основните училишта и наиде на одличен прием. Со поддршка на надлежните во општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Наумоски таа реализира концерти за сите училишта на територијата на Ѓорче Петров во првото полугодие. Сега таа со поддршка од Општина Кисела Вода и градоначалникот Филип Темелковски ќе ги опфати училиштата во Кисела Вода.

На концертот во гудачкиот квартет, покрај Пламенка Трајковска, ќе настапат и Наташа Диденко на виолина, Љубица Бошкова на виола и Маја Михајловска на виолончело.

„Пламенка Трајковска – мали камерни состави“ изминатиот период реализира повеќе концерти за деца во Скопје и во градовите во Македонија, а го најавува и концертот за деца со наслов „Што е тоа… гудачки квартет“, кој ќе го реализира во малата сала во Македонската филхармонија.