Ќулавкова: Ја имаме најпроблематичната патна инфраструктура во Европа! Крпен живот, смртен ризик...

Професорката, академик и поетеса Катица Ќулавкова со свој став за несреќите на македонските патишта во кои, не ретко, жртви се млади лица.

-  Имаме работа со домино ефекти предизвикани од повеќе чинители : патишта, возачи, возачки дозволи, сообраќајни регулативи, судство, правен систем, алкохол, дрога, несовесност, некултура, дивеење... оценува таа. 

Ова е нејзината фејсбук објава во целост. 

- И бол и бес се јавува истовремено кога брутално, неправедно и предвремено се прекинува еден млад живот како оној на Фросина Кулакова.

Она што посебно би го истакала е дека ваквите потресни загуби на живот на невини луѓе стана обележје на македонската стварност. Патиштата ни се губилиште. Крпен живот, смртен ризик. Ја имаме најпроблематичната патна инфраструктура во Европа. Сообраќајот во градот е посебна приказна која предизвикува зазор кај секој нормален жител. Со децении се среќаваме со проблеми поврзани со превисоката смртност во сообраќајот. Небаре се движиме по некое "бојно минско поле". Статистиката нека каже колку смртни случаи и случаи на инвалидитет се регистрирани последниве 35 години и од што биле предизвикани. И нека се направи споредба со европските држави.

Што треба уште да се случи за 'сообраќајниот комплекс' да стане државен приоритет?

Имаме работа со домино ефекти предизвикани од повеќе чинители : патишта, возачи, возачки дозволи, сообраќајни регулативи, судство, правен систем, алкохол, дрога, несовесност, некултура, дивеење...

Сообраќајните трагедии се огледало на општествените. И жално, и срамно, неповратно и повеќекратно штетно.