Ќерко, ти си најважната личност во твојот живот и никогаш немој да трпиш непочитување

Душо моја, 

Знам дека мислиш дека сум стара. И јас правев грешки во текот на годините. Дали некогаш ми прости за онаа ужасна роденденска торта која се обидов да ја направам за твојот осми роденден? Или тоа што ти подарив маче, а не знаев дека си алергична на влакна од мачка? Многу ми е жал за тоа, но попатно дознав нови информации кои знам дека ќе ти бидат корисни. Посакувам некој тоа да го направеше за мене. Се надевам дека после ова писмо нема повеќе да ме гледаш како стара жена, туку она што навистина сум: мајка која не сака нејзината ќерка да поминува низ тешки моменти, кои и јас самата морав да ги пројдам.

Еве кои работи посакувам да ги знаев на твои години.

Ти си најважната личност во твојот живот

Да, го кажав тоа и навистина го мислам. Одредена доза самољубие ќе те направи подобра и посреќна личност и ќе ти помогне да си ги следиш соништата и ќе ти даде сила за да им дадеш љубов на луѓето околу тебе. Долго време верував дека моето помагање на другите е мојата карта за рајот. Навистина мислев така. Се обидував да бидам најдобра другарка, се трудев да не заборавам нечиј роденден, бев рамо за плачење. Верував дека ако тоа го направам, дека луѓето ќе бидат покрај мене кога мене ќе ми биде тоа потребно. Не бев во право. 

Ова не значи дека не треба да им помагаш на другите или дека нема да имаш никој покрај тебе кога тоа ти е најпотребно, туку дека треба да се фокусираш на она што ти го сакаш. Не можеш да ги сакаш другите ако најпрво не се засакаш себеси. Долго ми требаше да го сфатам ова и не сакам и ти да изгубиш толку време учејќи ја оваа лекција. 

Никогаш немој да трпиш непочитување

Без оглед на тоа дали се работи за дечко, другарка или нешто сосема трето – никогаш не дозволувај некој да те омаловажува. Секогаш бори се за себе. Доколку не го направиш тоа, големи се шансите дека ќе бидеш повредена и ќе ти биде жал што не си постапила поинаку. Треба да бидеш храбра и силна. Не, не значи дека секогаш мораш да истеруваш некаква правда, но не смееш да дозволиш други луѓе да ти наметнуваат мислење и да манипулираат со тебе. Доволно си зрела за да не го дозволиш тоа, но имај на ум дека има и лоши луѓе на овој свет. Предавството е лоша работа, но запомни ги моите зборови: Секогаш треба да најдеш сила и да простиш. Не заборавај, за да не ја направиш истата грешка и во иднина. Верувај ми на зборот. 

Твоето семејство те сака најмногу на овој свет

Мислам дека на твои години лесно се заборава ова. На крајот на краиштата, свесна сум дека дремење со старците и не е баш некоја идеја за забава. Но, вистина е дека секогаш можеш да сметаш на љубовта на твоето семејство. Не постои нешто што не би направиле за тебе. Да, знам дека за некои работи е тешко да се зборува и дека можеби нема да ти биде пријатно, но сакам да знаеш дека секогаш можеш да ми се обратиш, за што и да се работи. Можеби нема да можам директно да помогнам, но барем ќе те сослушам. И тоа е нешто. 

Биди трпелива со себе и со другите. Ќе имаш многу подеми и падови, но ако ова го имаш на ум, полесно ќе го пронајдеш својот внатрешен мир, сила и самодоверба.

Те сака,

Мама