Ќе успее ли некогашното седиште на ЕЛЕМ да се спаси од „барокот“?

И по една година од првичното ветување за враќање на модернистичкиот изглед на некогашната стаклена фасада на зградата на Електростопанството на Македонија, нема никакво помрднување за довршување на изведбата на надворешниот лик на овој објект во строгиот центар на Скопје.

Владиниот портпарол Муамет Хоџа појасни дека нема новини околу реализацијата на фасадното уредување на објектот на ЕЛЕМ и ЕВН. „Што ќе се прави понатаму, јавноста ќе биде благовремено известена“, изјави владиниот портпарол.

Во изминативе месеци од ЕЛЕМ во неколку наврати доаѓаа мислења дека објектот треба да си го добие стариот препознатлив лик со стаклена фасада, дизајнирана од познатиот белградски архитект Бранко Петричиќ. Најновиот момент околу овој проект е веста дека државната енергетска компанија ЕЛЕМ треба да се пресели во новиот објект кај Старата железничка станица, додека ЕВН деновиве го огласи на продажба својот дел од објектот што досега го користеше.

 Од владата појаснија дека со ЕВН ќе треба да се расчистат во целост имотно – правните односи околу овој објект, додека канцеларискиот простор што досега го поседуваше ЕЛЕМ ќе остане во државна сопственост. „Делот на ЕЛЕМ останува во владение на Службата за општи и заеднички работи. Владата ќе го додели на користење на институциите кои во моментов плаќаат закупнина“, изјави владиниот портпарол Муамет Хоџа.