Ќе стане ли реалност БРТ во Скопје? Проектот го чека последното „да“ од ЕБОР, потоа следи тендер

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, синоќа во „Ноќно студио“ соопшти ексклузивна информација во врска со реализацијата на проектот за брз автобуски превоз – БРТ.

Како што информираше градоначалникот, проектот се наоѓа во последната фаза на одобрување од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Доставена е потребната документација и во моментов се очекува одговор, со цел процесот да биде целосно заокружен до крајот на оваа недела.

По финализирањето на постапката, се очекува да биде објавен тендерот за проектирање и изведба на БРТ-системот.

„Работиме во целосна координација и поврзаност со ЕБОР, а тендерската постапка ќе биде спроведена во согласност со европските регулативи. Очекувам во текот на наредните неколку дена да биде објавена тендерската постапка“, истакна Ѓорѓиевски.

Во рамките на реализацијата на БРТ-системот, постојното средишно зеленило на булеварите се задржува, со што модернизацијата на јавниот превоз ќе се спроведува со зачувување на зеленилото.

Според проценките на градоначалникот и тимовите вклучени во реализацијата на проектот, градежните активности би можеле да започнат доцна напролет наредната година, со поставување камен-темелник и официјален почеток на изградбата.

Со ова, проектот за БРТ влегува во конкретна оперативна фаза, со следен клучен чекор објавување на тендерската постапка и избор на изведувач за реализација на проектот.