Ќе стане ли населбата Расадник бетонска зона!?

На неколку локации во урбанистичките планови на град Скопје, се предвидени станбени згради на места каде што порано немало домување. Таков е делот меѓу двете населби 11 Октомври во општината Кисела Вода, спроти населбата Расадник.

Таму сега има стоваришта и напуштени објекти, а се предвидува изградба на 12 згради од по девет ката.

Жителите на Кисела Вода се плашат дека доколку тоа се реализира, ќе го снема чистиот воздух кој струи од Водно, дека ќе го снема зеленилото, а овој дел на Кисела Вода ќе стане бетонско-асфалтна зона

Пред две години при разработката на локалитетот и архитектонско урбанистичкото оформување на просторот во рамки на дефинираните наменски зони беа предвидени за компатибилни намени на поединечни парцели, во зависност од нивните специфичности и можности.

На тој начин е предвидено да се појават и објекти за образование и наука, здравство и социјална заштита, државни и верски институции, а низ целиот простор се распоредени парковско и заштитно зеленило, како и зони за спорт и рекреација.

Најголем дел од опфатот на кој во моментов нема изградени содржини претставува земјиште кое е во приватна сопственост, а е вратено на сопствениците со денационализација.

Сопствениците на овие парцели во повеќе наврати до Општината доставиле барања за изработка на детален урбанистички план со кој ќе се овозможи реализација на земјиштето. На тој начин секој од сопствениците на парцелите ќе може самостојно или во договор со инвеститори да ги реализира предвидените објекти.