Ќе се зголеми ли повторно цената на струјата?

Ќе поскапи ли струјата поради прекинот на производство од хидроцентралите? Недостатокот ќе се обезбедува од увоз, се додека условите не се нормализираат. Од државните електрани велат сеуште е рано да се формира нова цена, до крајот на годината ќе важи постојниот шестмесечен договор помеѓу ЕСМ и Универзалниот снабдувач. За првите три месеци од наредната година, цената ќе се знае до средината на декември.

,До 31.12.2020год. на сила е 6 месечниот договор со Универзалниот снабдувач, и струјата од страна на ЕСМ ќе му се испорачува по цената која ЕСМ ја даде на тендерот распишан од У.Снабдувач. Берзанските цени на струјата за првото тромесечје во 2021год ќе бидат познати на 15.12.2020год., а потоа и за вториот квартал. Тогаш ќе се прават и пресметките за цената која ЕСМ ке ја даде на тендерот на Универзалниот снабдувач за испорака на струја за периодот 1-6.2021 година.Во овој момент е рано да се формира цената, но АД ЕСМ континуирано работи на намалување на производната цена на струјата со цел на обезбеди стабилност на истата за домаќинствата, односно за крајните потрошувачи, се вели во дописот од ЕСМ

Дали увозот ќе ги натера енергетските компании повторно да бараат ново зголемување на цената, од регулаторна уверуваат нема да дозволат нов скок. 

Поради лошата состојба на природните и вештачките езера државата донесе одлука да го прекине производството на струја од хидроцентралите со образложение дека ако продолжат со работа има опасност да се загрози животниот свет. Од УХМР за Сител велат дека проблемите со сушата ќе продолжат и во следниот период.

Во изминатиот период преовладува исклучително сушно време кое предизвика намалување на водостојот на реките и езерата  во земјава. Врнежите кои беа во летниот период помогнаа моментално да се зголеми водостојот. Во наредниот период не очекуваме врнежи и нема изгледи за подобрување на хидролошката состојба, така што овој летен сушен период се очекува да продолжи и понатаму. За решавање на загрижувачката состојба неопходни се врнежи особено на снег, вели за Сител Атанас Угриновски од УХМР.

Инаку во август годинава струјата поскапе за 7,4 процетни  со образложение дека државните енергетски компании поради пандемијата имале намалени приходи.