Цената на парното ќе расте. Ова го тврди експертот за енергетика Константин Димитров. Вели дека доколку Град Скопје ја превземе дистрибутивната мрежа, како што најави градоначалникот Петре Шилегов, трошоците ќе пораснат, а со тоа и сметките на граѓаните, пренесува Алсат.

За Димитров е сомнително на кој начин ќе се прескокне 35 годишниот договор за дистрибуција кој го има БЕГ со државата.

„Ако имаме дополнително вработување, реорганизација на системот, ќе има празен од, Управен одбор, Надзорен одбор. Јас не знам колку луѓе ќе бидат ангажирасни – со колкави примања, но сето тоа, капка по капка ќе придонесе цената да се зголеми", изјави Константин Димитров, претседател на МАЦЕФ.

Градските власти пак не гледаат правна пречка за преземање на дистрибутивната дејност од БЕГ и покрај договорот кој го има приватната фирма со државата. Од Град Скопје велат дека и покрај се, ќе побараат од Регулаторната комисија за енергетика дистрибуцијата на топлинска енергија да се врати под надлежност на градот .

„Не треба секогаш да се гледа преку призмата на правото. И Балкан Енерџи Груп беше формирана еден ден пред да ја добие работата. Сега таа фирма само се заканува со нивните инвестиции", велат од Град Скопје.

Актуелниот претседател на Регулаторна – Димитар Петров на кому му истече мандатот, не одговори на нашите повици. Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор во чија сопственост е дистрибутивниот систем и кој под наем го има дадено на БЕГ, внесоа дополнитен хаос во проблемов. Велат дека е проблематично што Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал не дозволува промена на договорите кога станува збор за јавен интерес. Ова значи дека топловодната мрежа може да биде само во нивна сопственост. Од ова јавно претпиријатие велат дека проблем е и новиот Закон за енергетика кој не ја регулира топлинската енергија.

„Во отсуство на законско решение на регулирање на пазарот на топлинската енергија, во кое ќе учествуваат сите засегнати страни, постои висок ризик да граѓаните во престојната грејна сезона можат да претрпат штети, односно во најлош случај да биде прекинат процесот на испораката на толплинска енергија до крајните корисници", сметаат од АД СДП.

Од БЕГ, Алсат добиле одговор дека се затечени со овие барања на локалните власти. Велат дека нивните активности се одвиваат согласно законите на земјава и според одредбите на лиценците кои ги добиле за работа. Инаку, на вчерашната седница на советот на Град Скопје е основано ново акционерско друштво за енергетски дејности. За старт на оваа компанија од градската каса се обезбедени 250 илјади евра. Образложението на градоначалникот Петре Шилегов за превземање на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија е новиот Закон за енергетика кој не дозволува една иста компанија да врши снабдување и производство на топлинска енергија.