Ќе се врши адаптација: Музејот на град Скопје ќе добие едукативен центар, кафетерија и библиотека

Во Музејот на град Скопје ќе се врши адаптација на дел од приземјето и на отворениот двор над кој се наоѓа новопоставената порака на Тито за скопскиот земјотрес, пишува Build.mk.

Ова музејско здание во строгиот центар во иднина би се надополнило со едукативен центар, музејска библиотека, музејска продавница, кафетерија и отворен аудиториум, со кои ќе се овозможи привлекување на нови посетители во музејот и отворање на овој затскриен простор кон граѓаните на главниот град.

За реализација на оваа замисла веќе е изработен идеен проект од професорот Влатко Коробар, во соработка со Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Зоран Петровски. „Проектот предвидува ставање во употреба на источниот, отворен простор од Музејот и создавање на т.н. музејска „дневна соба“ на отворено – отворен јавен простор достапен на граѓаните, дополнет со зеленило, мал амфитеатар, простор за проекции итн.“ се наведува во понуденото образложение на авторите.

Првичната пресметка посочува дека за адаптација на дел од приземјето и на отворениот двор на Старата железничка станица ќе бидат потребни 920.000 евра. Музејската управа во моментов го има распишано тендерот за изработка на основниот проект, чија што фаза на реализација би чинела околу 1,4 милиони денари. Доколку се реализира ваквиот зафат, Музејот на град Скопје по неколку децении пауза ќе добие нови функционални содржини што ќе ја збогатат неговата дејност и ќе привлечат поголем број посетители на ова музејско здание.