Ќе се вози вонредна Критична маса во Скопје

Вонредна Критична маса ќе се вози во Скопје, во среда (27 ноември) во знак на револт поради неодамнешното поставување на новите скопски контејнери среде велосипедски патеки.

Од групата НаТочак, што стои зад Критична маса, велат дека дека на нивните прашања за изборот на локации за поставување на контејнерите властите молчат цел месец, па заклучуваат дека нестручни лица го правеле планот, за поставувањето на контејнерите не е размислувано пред да се направи набавката, не се почитувани стандардите за урбанистичко планирање ниту консултирани стручни лица.

„Ова се сериозни пропусти во работењето на една градска администрација. Иако проблемот делува банално во хаотичниот град, сметаме дека многу добро го илустрира еден од изворите на сите проблеми. На планирањето и анализите се гледа како на губење време и редовно се ЗАОБИКОЛУВААТ, а во меѓувреме од брзање да се покажат резултати на видик, само се претураат проблемите од едно на друго место.  Потребно е планирање ОДНАПРЕД, потребно е консултирање на засегнатите страни, потребно е да се мисли на се, со едно добро да не се уништува друго. Особено не сообраќајот кој си се заложил дека ќе го унапредуваш со ПЛАН“, додаваат НаТочак, со надеж дека се работи за привремено решение. Бараат сериозна ревизија на локациите за контејнерите и сериозно добри локации, а градот да ги дислоцира новите контејнери од велосипедските и пешачките патеки.

Зборно место е Плоштадот Македонија, во 17:30 часот, а ќе се вози по ОВАА рута, со попатно застанување за протестни акции.