Ќе се воведе зонско паркирање во Градскиот парк

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) се подготвува за воведување наплаќање за паркирањето во реонот на Градскиот парк.

Kако што информираат од претпријатието во моментот се поставува сообраќајна сигнализација и се работи на информирање на сите засегнати страни околу начинот на функционирање на јавното паркиралиште кај паркот.

- Се реализираат состаноци со жителите на Центар и деловните субјекти што функционираат таму, со цел да бидат запознаени со новите правила и начинот на паркирање и наплата - потенцираат од ПОЦ, без да прецизираат кога официјално ќе почне да функционира паркингот.

Од ПОЦ објаснуваат дека паркиралиштето ќе биде од отворен тип и плаќањето ќе се врши преку СМС-порака. Цената за користење за 1 час паркинг ќе биде 50 денари. Kако и другите отворени паркиралишта на ПОЦ, паркингот ќе биде бесплатен за сите жители на Центар.

Паркиралиштето ќе работи секој работен ден од 8 до 22 часот и в сабота од 8 до 15 часот. Во неделите и државните празници паркиралиштата се бесплатни за сите граѓани.