Ќе се урне мостот на кој требаше да биде поставено Панорамското тркало

Ќе се урне во целост пешачкиот мост на реката Вардар помеѓу Камениот мост и мостот “Гоце Делчев” што е делумно изграден и на кој требаше да биде поставено панорамско тркало.

-Мостот освен што изгледа грдо на ваква локација, го спречува протокот на водите во Вардар во случај на надојдување на реката, но и за негово дозавршување се потребни уште три милиони евра. Околу овој мост на мала оддалеченост има други два моста – Камениот и “Гоце Делчев” и оттука овој мост пренаменет во пешачки е целосно нефункционален бидејќи не поврзува буквално ништо на двате страни од брегот – едниот крај му е кај Катната гаража кај МЕПСО, а другиот кај објектот на МНТ на левиот брег – вели Шилегов.

Kaко што пишува Вечер, досегашната изградба на мостот чини 10 милиони евра. Темелите, столбовите и носечките греди на мостот се изградени, останува уште поставувањето на висечките сајли за што ќе требаат уште три милиони евра.

Уривањето на мостот со експлозив, како што смета Шилегов, не доаѓа предвид бидејќи ќе се наруши стабилноста на околните објекти, туку ќе се оди со контролирано уривање. Тој вели дека според пресметките, за уривање на мостот и за отстранување на трите галии од коритото на Вардар се потребни пет милиони евра.