Ќе се урнат 180 објекти: Наскоро ќе почне изградбата на новиот коридор во нашиот град

Пролетва ќе почнат градежните активности на реализација на новиот коридор во нашиот град. Станува збор за булеварот кој ќе поминува низ населбата Ќерамидница и за кој, како што најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, проектирањето е завршено и исцрната е трасата каде ќе поминува, пишува Вечер.

– Отворањето на понудите за избор на најповолен понудувач на градежните активности е закажано на 14 февруари годинава. Со тоа ќе биде комплетирана првата фаза. Почнавме со експропријација и повеќе од 30 отсто од трасата на која треба да поминува новиот булевар во делот кај скопско Сајмиште е веќе расчистено. Очекувам дека ќе влеземе интензивно во експропријација и онака како што го најавив проектот за времетраење, очекувам дека ќе биде и завршен – вели Шилегов.

Тој потсети дека треба да бидат урнати 180 објекти низ Ќерамидница, а нагласи дека имало можност коридорот да поминува на поинаква траса.

– Ние изготвивме во таа фаза проект заедно со општина Гази Баба бидејќи градската траса требаше да поминува по општинската улица. Понудивме договор за меѓуопштинска соработка до општина Гази Баба, но Советот на Гази Баба каде што мнозинството го сочинува ВМРО-ДМНЕ го одби барањето на нашиот град. Тоа граѓаните на Скопје ги чини време и околу осум милиони евра повеќе, пари кои ќе треба да ги потрошиме за дополнителна експропријација – рече Шилегов.

Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз.

Проектот предвидува и изградба на нов мост преку Вардар кој ќе ги поврзе општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Мостот ќе биде со должина од 120 метри, ќе се изгради во близина на хотелот Русија и ќе ги поврзе булеварот „АСНОМ“ во населба Аеродром со булеварот низ населба Керамидница.