Ќе се уриваат зимските тераси на „Ленинова“

Сите зимски тераси на кафулињата и рестораните на улица Аминта Трети (Ленинова) ќе се уриваат бидејќи се нелегални.

Општина Центар им доставила допис на кафанџиите дека со заградените тераси узурпираат јавна површина, односно зафаќаат повеќе простор отколку што им е одобрено при издавањето на дозволата од Град Скопје, пишува порталот СДСК.

Вчера претставници на Здружението за заштита на правата на угостителите Хорекаши имале состанок со градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

На состанокот им било кажано дека нема да се толерира узурпирање на јавен простор и доколку газдите самите не ги отстранат терасите тоа ќе го стори Општината.

Дел од кафанџиите прифатиле самите да ги отстранат деловите кои узурпираат јавен простор, а едно кафуле најавило дека целосно ќе го затвори објектот.

Со решение за уривање се околу 30 кафулиња и ресторани. Покрај на улица Ленинова, нелегални се и објекти во Дебар маало, Капиштец, улица Македонија.