Ќе се уриваат три куќи на Трета македонска бригада

Три куќи ќе се уриваат за проширување на булеварот Трета македонска бригада. На трасата на сообраќајницата се наоѓаат три објекти кои се во приватна сопственост, чии газди ќе бидат обесштетени од Град Скопје. 

Од Градот велат дека градежните работи се одвиваат според предвидената динамика и засега објектите кои треба да се уриваат, не пречат на одвивање на работите на терен.

Втората фаза од проширувањето на булеварот Трета македонска бригада почна лани во септември.

Градежните работи за проширување на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев се изведуваат по левата страна, гледано од Аеродром кон Центар.

Со проширувањето, улицата ќе добие 4 сообраќајни ленти, по две ленти во секоја насока, зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека покриена со асфалт и широка 2 метра и тротоар покриен со бекатон плочки со ширина од 3 метри. Ќе се изгради и средишна разделна жардиниера со ширина од 5 метри.