Ќе се уредува “Урбан парк” - за бездомниците се бара сместување

Општина Центар конечно ќе го реши проблемот со бездомниците кои имаат направено огромна депонија во рамки на дворот на трошната куќичка на работ на “Урбан парк” на улица “Јордан Мијалков”, спроти Геолошкиот завод.

Во паркот кој порано беше гордост на жителите од овој дел на градот, живеат 50-тина лица – возрасни и деца сите на куп. Обесени алишта на распната жица да се сушат, полско ве-це прекриено со стари теписи и расфрлани огромни најлонски вреќи наполнети со пластични шишиња собирани од контејнери. А во дворот има се и сешто. Од железарија до картони и делови од стар мебел.

На дваесетина метри понатаму од оваа куќичка, други три ромски семејства си подигнале барака што сами ја изградиле од стари даски и ја покриле со стари церади. Под крошните на дрвјата тие си свиле гнездо. Дечињата боси по овие ладни денови ги затекнавме на една од клупите во паркот и тие со еден постар човек беа единствените во “Урбан парк”.

– Паркот порано беше гордост за овој дел од градот. Полн со луѓе, старо и младо се одмораа тука на клупите, а малите деца играа на реквизитите на детското игралиште. А видете сега. Откако ромите се населија, ретко кој седнува да се одмори, светлата од канделабрите повеќето се искршени и темно е навечер, па луѓето се плашат да поминуваат низ паркот. Ромите ги извадија корпите за отпадоци и металните делови од прскалките, како и шахтите – вели нашиот соговорник кој реши да биде анонимен со цел, како што рече, да си нема проблеми.

Во врска со бездомниците и “Урбан парк”, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ одговарајќи на советничко прашање информираше дека имало неколку обиди да се најдат живеалишта за овие бездомници, но тие одбиваат.

– Не сакавме во зима да пристапиме кон отстранување на овие монтажни, картонски живеалишта, но наскоро ќе почнеме, бидејќи имаме многу поплаки од жителите. Се разбира, во соработка со другите институции ќе им најдеме живеалиште на овие лица – рече Богдановиќ.

Тој најави дека за три месеци ќе биде обновена урбаната опрема и зеленилото во “Урбан парк”.