Ќе се учи ли во сабота за да се одработат деновите од продолжениот распуст?

Уште нема официјална информација дали поради продолжениот зимски распуст учениците во основните и средните училишта ќе учат во некоја од наредните саботи.

Владата во неделата попладне донесе итна мерка за продолжување на зимскиот распуст за два дена, заклучно со 22 јануари (вторник), поради континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Македонија, како и метеоролошките прогнози за следните денови.

„Одлуката се однесува на сите ученици од сите јавни и приватни основни и средни училишта во Република Македонија, а е донесена преку итна координација на Министерството за образование, Министерството за животна средина и Министерството за здравство. Училиштата ќе бидат во функција, учениците нема да посетуваат настава во наведениот период“, соопшти прес-службата на Владата.

Заменик-министерот за образование Петар Атанасов во изјава за „Независен“ рече дека деновите ќе информираат дали учениците ќе ги одработуваат деновите од продолжениот зимски распуст бидејќи училиштата се во функција.

Претходната министерка за образование и наука Рената Дескоска презентирајќи ги измените и дополнувањата на Законот за основно образование рече дека нема веќе да се учи во сабота.

Според предвидените измени на Законот за основно образование, бројот на наставни денови нема да биде фиксно утврден за да се избегне одработување на часови во саботите за кои искуството покажува дека не се ефективни денови за настава.

Со овој закон се предлага наставата во учебната година да се остварува во 175 до 180 наставни дена, што ќе се утврдува со Календар на настава кој ќе го носи Министерството.