Ќе се стави крај на сите диви депонии во Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски се сретна со претставници на повеќе бизнис компании од Холандија, Чешка и Словачка, кои, како што соопштија од општината, работат во делот за рециклирање отпад, изработка на пречистителни станици, како и поставување на системи за енергетска ефикасност.

Георгиевски пред претставниците на компаниите истакна дека општина Гази Баба има проблем токму во тој дел, бидејќи делови на општината не се поврзани на канализациски системи, додека, пак, други немаат чиста вода за пиење.

– Овие проблеми треба да станат минато. Моја обврска е да направам се што е потребно за да го решиме овој долготраен процес. Веќе започнавме со активности за утврдување на црните точки, каде веднаш треба да започнеме со отстранување на дивите депонии низ општината. Гази Баба е влезна порта на градот Скопје.  Не смееме  да дозволиме депониите да ја нарушат сликата за градот и општината, истакна градоначалникот Георгиевски на средбата.