Ќе се спаси ли Водно од пожари ова лето? - Казната за предизвикување на пожар се движи од 500 до 5000 евра

Во парк-шумата Водно да не се пали оган и отпадоци, а земјоделците да не ги потпалуваат стрништата бидејќи тоа е незаконски, предупредија надлежните поради опасноста од пожари во услови на високи температури.

Парк-шумата има големо влијание за екологијата, климата и за животот на скопјани. Досегашното искуство покажало дека најголем дел од пожарите што биле предизвикани во Водно потекнувале повеќе однадвор, од населени места кои гравитираат кон планината како Крушопек, Св. Петка и Групчин, а помалку од граѓани кои планината ја користат рекреативно. Казната за предизвикување на пожар се движи од 500 до 5000 евра, но досега никој не бил казнет. 

- Парк-шумата пред неколку децении била само голи ридови и низ годините успеавме да создадеме вегетација. Досега успеавме да го сочуваме Водно од пожари, но никогаш не можеме да кажеме дека планината е целосно безбедна. Забрането е граѓаните да палат оган на отворено, а сега пред жетвата сакам да апелирам и до земјоделците кои за да избегнат едно орање, иако е незаконски, ги палат стрништата и бегаат – посочуваат од  Противпожарен Сојуз на Скопје.

Значењето на парк-шумата Водно за скопјани е огромна и не случајно Водно се именува и како белите дробови на Скопје.

- Водно е значајно од аспект на екологија, климата и подобрување на условите за живеење во Скопје, прочистување на воздухот, температурите, голем биодиверзитет на многу мала површина, можност за туризам, рекреација, угостителство, услови за живот. Водно е дел од живеењето на скопјани иако ние секогаш го кажуваме како средина надвор од градот. Скопјани не знаат доволно да го чуваат Водно има дивоградби, го загадуваат, а мало невнимание како пожарот може се да уништи што е создавано 60 години на планината – истакнуваат надлежните.

И покрај тоа што надлежните секоја година апелираат граѓаните да внимаваат да не предизвикуваат пожари, особено во летните горештини појавата на пожари е честа.