Ќе се садат дрва за Часот на планетата земја

Часот на планетата земја, освен со традиционалното исклучување на светилките во 20.30 часот, годинава на 24-ти март, ќе биде одбележан и со засадување на дрва, на повеќе локации во земјава.

Организаторот информира дека ќе направат напори да поттикнат поддршка за акција за биолошката разновидност и природата под мотото „Поврзи се со планетата“.

„Со оглед на тоа што планетата Земја, нашиот заеднички дом, се соочува со двоен предизвик – климатските промени и опаѓање на биодиверзитетот, нашето најголемо светско еколошко движење има за цел да ги мобилизира поединците, бизнисите и владите да бидат дел од разговорот и решенијата потребни за да се изгради здрава и одржлива иднина за сите.“, соопшти организаторот Ѓорги Селков.

За таа цел, се очекува да бидат засадени илјадници дрва ширум републиката, а најмасовен настан ќе се случува во Куманово, каде од локалната самоуправа потврдиле засадување на 1.000 садници на локации околу градот.

Овој настан се очекува да премине во традиција и секоја година на истата локација да бидат садени нови дрвца, во таканаречениот парк на планетата Земја, а во истиот се вклучуваат и волонтерите на Црвениот крст кои се дел од светската еколошка акција шеста година по ред.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во 2007-та година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. Земајќи го предвид фактот дека минатата година 3,5 милијарди луѓе зборувале за Часот на планетата Земја на социјалните мрежи, се докажува дека движењето е менувач на играта за популаризација на климата и еколошките акции низ целиот свет.