Ќе се рушат 100 објекти за да се изгради новиот мост на Вардар, со кој населбата Аеродром ќе се поврзе со општина Гази Баба

Град Скопје ќе гради нов мост со кој населбата Аеродром преку Керамидница ќе се поврзе со општина Гази Баба, најави денес градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Мостот ќе почнува од булеварот АСНОМ кај хотел „Русија“ од каде преку реката Вардар низ населбата Керамидница треба да се спои со крстосницата кај саем. За изградба на мостот ќе се уриваат околу 100 објекти во населбата Керамидница. Изградбата ќе чини 16 милиони евра од кои 8 милиони за градежни работи а 8 милиони за експропријација.

- „Потпишавме договор за меѓуопштинска соработка со Општина Гази Баба за да го преземе тој коридор, но советниците од Гази Баба каде мнозинство се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ одби да го прифати тој договор. Нивната цел, да ја бојкотираат работата на мене како градоначалник на Скопје и градот да се развива нема да дозволам да се реазилира. Иако тоа ќе биде на потешкиот начин, ние немаме проблем. Скопје ќе се развива во европска престолнина“, рече Шилегов, пренесе Сакамдакажам.