Ќе се реши сообраќајниот метеж на улица “Маџари”: Паркингот зад амбулантата во Ченто готов наредната недела

Една од најфреквентните улици во населбата Ченто во Гази Баба, улицата “Маџари”, на која се наоѓа локалниот Пазар, идната недела се очекува да го добие помошниот паркинг кој се наоѓа зад амбулантата.

Од Гази Баба информираа дека асфалтирањето на паркингот ќе биде прво од проектите кои во моментов се спроведуваат на територијата, а се однесуваат на обнова на патната инфраструктура. Во изминатиот период багери ја нивелираа земјата на паркиралиштето. Со изградбата на паркингот ќе бидат обезбедени паркинг места за 200 возила.

– Ние сме при крај со неколку проекти во патната инфраструктура, ја завршивме улицата “Таварник” накај Камник, наскоро ќе го асфалтираме паркингот кај амбулантата во Ченто, улицата “28” во село Синѓелиќ е тампонирана поставена е атмосферска канализација, а во Инџиково ќе се обноват две улици. Дел од овие проекти се нови, дел незавршени, вели градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски.

Од пред две три години улицата “Маџари” од тесна уличка беше проширена во сообраќајница со четири ленти. Заедно со нејзиното проширување беше најавена и изградбата на паркингот бидејќи граѓаните кои застануваат да пазаруваат нема кај да се паркираат па секојдневно крајните ленти си ги користеа за паркирање. Неколку пати пајак-службата ги креваше возилата, но жителите повторно се паркираа на улицата.

– На улицата “Маџари” се наоѓа пазарот и сите дуќани. Често кога се враќам од работа се паркирам на улицата за да купам нешто набрзина. Кога подолго време имам работа се паркирав на дивиот паркинг позади амбуланта бидејќи само таму не влегуваше пајакот. Сепак секојдневно можам да кажам дека двете ленти на улицата се блокирани. На едната страна има диви продавачи на зеленчук и овошје, а на другата страна граѓани кои се паркираат за да одат во амбуланта. Често улицата иако има четири ленти е слободна само една лента па се создава вистинска гужва. Со паркингот очекувам да се намали метежот, вели Ангел И. од Ченто.

Проширувањето на улицата Маџари започна во 2015 година.Освен што од тесна уличка беше проширена во сообраќајница со четири ленти беше поставена и атмосферска канализација. Тогашната градска власт најави и изградба на велосипедска патека и на паркинг зад амбулантата, но тој остана недовршен кога се смени власта.

Инаку, од Гази Баба информираа дека годинава во локалната патна инфраструктура во план е комплетна обнова на 20 км локална мрежа, во речиси сите населени места.