Ќе се реши ли конечно проблемот со кучињата скитници - Општина Гази Баба потпиша меморандум со Лајка

Општина Гази Баба, ЈКП „Гази Баба 2007“ и ЈП „Лајка“ потпишаа трипартитен Меморандум за соработка, со цел воспоставување поорганизиран и поефикасен систем за справување со проблемот со бездомните кучиња.

Од Општината информираат дека меморандумот предвидува подобра координација меѓу институциите, побрза комуникација и навремено преземање активности за следење на состојбата на терен и намалување на популацијата на бездомните кучиња, согласно законските надлежности.

Целта е да се создаде побезбедна и похумана средина за граѓаните, преку одржливи решенија кои ќе ја гарантираат и грижата за животните.

По потпишувањето на меморандумот, од Општина Гази Баба упатија благодарност до директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски, за подготвеноста и партнерскиот однос во реализацијата на оваа иницијатива.

Од локалната самоуправа очекуваат дека со засилена меѓуинституционална соработка ќе се постигнат конкретни резултати во решавањето на долгогодишниот проблем со бездомните кучиња во општината.