Ќе се решаваат социјалните проблеми на ранливите групи во Ѓорче Петров, најави градоначалникот

Во општина Ѓорче Петров се одржа прв координативен состанок на Советот за социјална заштита на општина Ѓорче Петров.

-Го утврдивме раководството на Советот и Деловникот, а се договорија и насоките на делување во областа социјала за периодот што следува. Ќе биде изготвен план кој треба да содржи мапирање на социјалните проблеми и ранливите групи, анализа на капацитетите и расположливите социјални услуги, како и специфичните потреби за развој на социјалните услуги во општината, информираше градоначалникот на општината Александар Стојкоски. 

Врз основа на планот ќе биде изготвена и годишна програма, а советот го сочинуваат вработени од општината, но и претставници од релевантни институции од подрачјето на Ѓорче Петров.

-Ова е еден од чекорите со кои најавувам активна работа во иднина во сферата на социјалната заштита, порача Стојкоски.