Ќе се реконструираат Кардиолошката клиника во Охрид и Институтот за дијализа во Струга

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов за 2023 година најавува проекти од поголемо регионално значење и поинаков приод во нивната реализација.

Како што рече денеска на годишната владина конференција „Година на нови можности“, ќе се реконструираат Кардиолошката клиника во Охрид, Институтот за дијализа во Струга и Институтот за белодробни заболувања во Отешево.

-Во Ѓорче Петров ќе изградиме дом за деца со тешки заболувања, во Кавадарци ќе го решаваме проблемот со кучињата скитници преку регионален центар, а во Радовиш, Конче и Босилово ќе се поставуваат фотоволтаици на крововите на јавните институции. Ќе ставиме акцент на опремување на општините со комунална опрема на повиско ниво и ќе се обидеме да го решиме проблемот со амбулантни возила, особено во помалите места, истакна Пенов.

Осврнувајќи се на сработеното во 2022 година, министерот напомена дека секоја општина реализираше по најмалку еден проект.

-Во 2022 година, иако кризна, се зголемуваа средствата за рамномерен регионален развој. Основна оценка е дека сите средства беа целосно реализирани. Особено сме задоволни што сите општини реализираа по најмалку еден проект или вкупно во 2022 година се реализираа 215 проекти. Притоа, најмногу е инвестирано во комунална инфраструктура, посочи Пенов.

Тој го нагласи обновувањето на возниот парк на противпожарните служби, посебно, како што рече, во североисточниот, источниот, југоисточниот и вардарскиот регион, каде речиси секоја општина добила по барем едно противпожарно возило.