Ќе се продаваат старите дизелаши од Германија по багателна цена – ќе завршат ли во Македонија?

Околку триста илјади дизел автомобили со еуро 5 стандард, по потекло од Германија по Нова година ќе се продаваат по багателна цена.

Како што деновиве пишуваат регионалните агенции автомобилите се очекува да дојдат на пазарот во земјите на Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, по цени што ќе бидат дури и за 50% пониски.

Дел од овие возила емитуваат огромно количество штетни честички во воздухот со што значително ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ10 честички во атмосферата.

Се работи за голем возен парк, а како што пренесува агенцијата Ројтерс околу 300.000 дизел автомобили со Еуро 5 стандард, вредат 4,5 милијарди евра, доколку се земе предвид дека нивната просечна цена чини 15 илјади евра.

За да се одлободат од нив, владата ги потикна Германците да купуваат електрични возила, обезбедувајќи субвенции од 600 милиони евра. Но, според правилата, стариот автомобил не треба да оди на продажба, туку треба да заврши во отпад и да се рециклира. Во праксата и покрај ваквите субвенции, многу малку Германци купуваат електрични возила.

Истражувањето, пак, на германските новинари кое било пренесено во “Ауто билд” покажало дека само мал дел од овие автомобили биле уништени, добар дел од нив го продолжиле животот во некоја држава од Источна Европа или на Балканот. Токму ова е причината што во некои земји од Балканот дури 80 проценти од возниот парк се стари возила и сериозни загадувачи на градската средина.

Овие состојби се должат на тоа што се повеќе земји од ЕУ секојдневно донесуваат прописи со кои ќе се заштитува животната средина, токму една од нив е како да се ослободат од старите дизелаши.

Во овие иницијативи предничи Германија, нивната цел е автомобилите со внатрешно согорување да станат минато, а до 2050 животната средина да биде без емисија на гасови од автомобили.

Така во Минхен и Штутгарт возилата кои не ги задоволуваат високите еко-стандарди не можат да возат во центарот на градот.
Според статистиката, во Германија се возат од 45 до 50 милиони возила од кои две третини се бензинци, една третина дизел возила, а само мал дел се хибридни и електрични автомобили.