Ќе се намали ли цената за роаминг помеѓу Македонија и Грција?

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски оствари работна средба со неговиот грчки колега, министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми Никос Папас.

На средбата се разговараше за можноста за намалување на цените за роминг помеѓу Македонија и Грција.

Манчевски информираше за меморандумот за соработка и предвидените активности за намалување на цените за роаминг со Република Бугарија, како принцип којшто може да се примени и со Грција.
Двајцата министри се согласија заедно со операторите од Македонија и Грција, да се сретнат во Македонија, крајот на јули оваа година, каде ќе се разговара за конкретни решенија и временска рамка за да започне процедурата за намалување на цените. Министерот Папас потенцираше дека ова ќе биде особено значајно за граѓаните, ако се има во предвид големиот број на грчки и македонски граѓани кои патуваат во двете земји.

Како што истакна Манчевски, станува збор за решение од кое ефектите ќе ги осетат сите граѓаните и поради тоа постои цврста волја тоа да се реализира и во пракса.

Папас се осврна на искуството на Грција во делот на дигитализација на администрацијата и дигитализација на земјоделството. Постои интерес од страна на Грција да ги споделат своите најдобри практики во овие области, за што исто така ќе се разговара во јули во Македонија. Целта на договорените средби е да се започне со конкретни активности и проекти, и дефинирање на потребните услови за нивна реализација.