Коефициентите на функционерите плати ќе претрпат измена, ова го предвидува новиот Закон за плати кој е во собраниска процедура. Со ова намалување на коефициентите, платата на функционерите нема да се зголеми од јануари 2025 година, кога се усогласува со просечната плата од претходната година.
Со измените највисокиот коефициент 3,92, со кој се пресметува платата на највисоките функционери – претседателот, премиерот и спикерот, ќе се намали на 3,17. Коефициентот 3,48 ќе се намали на 3,08, а коефициентот 3,22 ќе се намали на 2,85. Понатаму, коефициентот 2,96 се заменува со 2,62 , коефициентот за најниските функционери 2,79, ќе се намали на 2,47.
Платата на функционерите се пресметува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место.
Ова е второ намалување на коефициентите за функционерските плати за една година. Претходната власт, предводена од СДСМ и ДУИ во февруари годинава со измени на 6 закони го зауздаа растот на месечните примања на носителите на јавни функции. Претходно, на 21 март 2023 година Уставниот суд ја укина двојната основица со која дотогаш се правеа пресметките, односно, ја укина фиксната основица која беше утврдена на сума од 26.700 денари, со образложение дека е неуставно да постојат две основици. Со оваа функционерските плати почнаа да се пресметуваат врз основа на просечната плата, што предизвика нивно зголемување од 78 отсто.
Доколку не се донесеа овие измени за намалување на коефициентите, платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемеа во согласност со растот на годишната просечната плата, и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати – за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските функции.
Зголемувањето на платите на функционерите лани предизвика огромно незадоволство кај граѓаните, работниците и синдикалните организации кои организираа повеќе протести. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека платите на функционерите нема да се зголемат од јануари следната година.