Ќе се менува ли Законот за празници?

Владата една и пол година ја разгледува можноста за укинување дел од неработните денови и  измена на Законот за празниците, а во меѓувреме ги слави празниците воведени по иницијатива на кабинетот на поранешниот премиер, Никола Груевски.

Зоран Заев и пред да стане премиер, во изборната кампања, но и кога ја презеде функцијата, ветуваше измени на Законот за празниците алудирајќи дека се воведени вмровски празници кои треба да се укинат, но можноста сè уште се разгледува.

„Владата на РМ сè уште ги разгледува можностите за измените на Законот за празниците и доколку се пристапи кон нив, ќе бидат вклучени сите засегнати страни, како што се граѓанските организации, претставници на стопанските комори, а ќе има целосно отворена јавна дебата. Евентуалните измени треба да бидат исклучиво во интерес на економскиот развој на Република Македонија“, изјавија од Владата за „Макфакс“.

На почетокот на минатата година, по една од најавите дека ќе се прават измени на Законот за празниците, граѓаните ги преплавија социјалните мрежи со барања 2 јануари и 2 мај повторно да бидат прогласени за неработни денови, а Министерството за труд и социјална политика објасни дека ќе бидат земени предвид сите барања. Место измена на Законот, Владата на 25 декември го прогласи 2 јануари за неработен, но само за државната администрација, со препорака одлуката да ја прифати и приватниот сектор. Без најава и без образложение за одлуката, административците добија уште еден неработен ден во јануари.

И од Министерството за труд и социјална политика велат дека не се работело на измена на овој закон.

„Министерството за труд и социјална политика досега нема направено промени во Законот за празниците. Сакаме да потенцираме дека доколку би се правеле корекции на законската регулатива, тие би биле во претходна консултација со работниците и со работодавците, од која би произлегле најсоодветни заеднички прифатени решенија“, велат од Министерството за труд.

Министерството за труд и социјала ги објави неработните денови за 2019 година. За сите граѓани, и во 2019 година има 11 неработни дена, за граѓаните од православна вероисповед има дополнителни 5 неработни дена, за католиците има дополнителни 3 неработни дена, за муслиманите еден дополнителен неработен ден и по еден неработен ден има за припадниците на албанската, српската, ромската, влашката, еврејската, бошњачката и на турската заедница во Република Македонија. Овие празници беа воведени во 2007 година со последната измена на Законот за празниците иницирана од кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски. Тогаш како неработни денови беа укинати 2 јануари, 2 мај и 29 ноември, а на листата беа додадени три нови државни празници и шест верски празници и празниците на заедниците. Од 2007 година како државни празници неработни се 24 Мај –  Св. Кирил и Методиј, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерната борба и 8 Декември – Св. Климент Охридски, а како верски празници се воведени Бадник, Велипеток, Водици, Задушница, Голема Богородица, Рамазан-бајрам, за католиците како неработен е воведен Денот на мртвите, а неработни денови добија и заедниците во РМ.