Ќе се исече ли повеќедеценискиот дрворед на улицата „Цветан Димов“ во Чаир?

Улицата „Цветан Димов“ не смее да биде уште еднаш автоцентрична пустина, порачаа денеска од Зелен Хуман Град.

Оттаму појаснуваат дека веќе втора седница по ред се бара од советниците да изгласаат фантастични 140 милиони денари за изградба на улицата „Цветан Димов“ во Општина Чаир за која нема јавно достапен проект, туку допрва треба да го прави (ревидира) Општина Чаир.

- 140 милиони денари се 20% од буџетот на Град Скопје за улици и патишта за 2023 година! Дополнително, ќе се трошат јавни пари за експропријација, а тоа во овој момент немаме информација колку ќе чини. На лошата практика да се бара од советниците да гласаат за изградба и реконструкција на улици во Скопје за кои никој не го видел проектот по кој ќе се работи мора да ѝ дојде крај! - порачаа денеска од ЗХГ. 

Оттаму порачаа дека ќе го поддржат спроведувањето на овој предлог само ако прво јавно се објави проектот по кој ќе се работи за да се осигурааат и тие и целата јавност дека повеќедеценискиот дрворед на таа улица ќе остане нечепнат, дека коловозните ленти ќе бидат со максимална ширина од 3 м, како и дека ќе има соодветна и функционална пешачка и велоинфраструктура, инклузивно испланирана да ги задоволи потребите на лицата со попреченост и на сите ранливи категории на граѓани. 

- Доста ни е од Карангелески сценарија во овој град и смртоносни автоцентрични пустини! Зеленилото во Скопје го губиме со брзина на светлината и покрај тоа што секоја година прерано умираат над 4.000 наши сограѓани како последица од загаден воздух, а не постои статистика колку од нас прерано умираат од топлотните бранови за кои народните избраници сами ги создаваат предусловите, децидни се од ЗХГ.