Ќе се гради спортско – адреналински парк на кејот на Вардар

Спортско-адреналинскиот парк „Карпош“ ќе почне да се гради на кејот на реката Вардар. Оваа одлука  ја донесоа советниците на општина Карпош на 12-та седница.

Советниците дискутираа по 61 точка и ја прифатија Предлог-одлуката за одобрување финансиски средства за летен одмор на ученици од семејства во потешка материјална состојба кои се жители на општина Карпош. Советниците дадоа согласност за објавување оглас за финансиска поддршка на спортско-рекреативни и здравствени проекти за физички и правни лица од општина Карпош.

Советот ја одобри и одлуката за одделување финансиски средства за купување периодични паркинг картички за корисници-жители на општина Карпош од СЦМ РЕТАИЛ ДООЕЛ Скопје – Трговски центар Скопје Сити мол. Советот ја прифати и донацијата од опрема за игралиште за деца кај Веро 2, Урбана заедница „Владо Тасевски“ од Верополус ДООЕЛ Скопје, како и донацијата-летниковец во Влае 2 од АД „Пивара- Скопје“.

На седницата беше одобрена реализацијата на проектот Меѓународна детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон“. Советниците исто така ги усвоија годишните извештаи за работата на десетте општински основни училишта кои се наоѓаат на територијата на општина Карпош.