Ќе се гради нова спортска сала во Градски Парк

Распишан е конкурс за идејно решение за „Повеќенаменска спортска сала во Градски Парк“. Оваа сала со капацитет од 3000 гледачи ќе биде новиот дом на најтрофејниот кошаркарски клуб "Работнички“ и ќе се наоѓа на местото на сегашната сала и поширокото окружување.

Салата ќе биде проектирана како повеќенаменска, изградена по сите светски стандарди за овој тип градби. Во неа ќе се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис.

Салата ќе располага со амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, како и прес центар, коментаторски кабини и соба за режија. Салата е предвидена да има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните.

За гледачите и посетителите ќе има фан шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека.Во салата се предвидени и канцеларии за спортски федерации, просторија за ВИП гости, кацеларии за управа, архива и сала за состаноци.

Надземниот паркинг ќе овозможува паркирање на минумим три автобуси и еден камион, додека подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 150 до 200 возила за потребите на спортистите.

Проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно парнерство, а идејното решение ќе се избере на конкурс, транспарентно како што досега практикуваше Општина Центар. Според најавениот интерес, се очекуваат голем број на идејни решенија кои ќе бидат јавно презентирани.