Нова детска градинка ќе се гради во општина Ѓорче Петров во населено место Ново Село кај Стопански Двор. На поставувањето на камен темелникот во 11 часот предвидено е присуство на премиерот Христијан Мицкоски.
Детската градинка ќе има капацитет за згрижување на над 100 деца, на површина од 415 м2 на приземје и 483 м2 на прв кат. Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката. Првиот кат е предвиден за поголемите дечиња кои дневните програми ќе ги поминуваат во 4 занимални, односно вкупно 6 занимални заедно со јаслите, поделени на два ката.
Објектот кој ќе биде граден по најмодерни стандарди ќе опфаќа заедничка занимална, повеќенаменски простор, просторија за изолација и просторија за индивидуална работа, гардеробер, кујна, санитарни простории и отворена занимална.
„Проектот е финансиран од Владата и е во вредност од 60.000.000 денари, а со ова ќе се намали списокот на деца кои чекаат за упис во детските градинки во Ѓорче Петров. Најмладите жители добиваат нови и современи објекти за воспитно-образовен процес и едукација од најрана возраст“, информираат од Владата.