„Ќе се дише ли зимава“? – герила акција на МОФ во Скопје

Креативни скулптури со прашањето „Ќе се дише ли зимава“ денеска беа поставени на плоштадот „Македонија“ и пред ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, во рамки на герила акција на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Како што информираат од МОФ, преку ваквата иницијатива, организацијата има за цел да ја подигне свеста на институциите во однос на сите прашања поврзани со животната средина. Истовремено, и да побуди критичко размислување за одговорностите на одредени носители на одлуки и преземањето конкретни мерки и чекори за совладување на овие клучни проблеми кои ги засегаат сите.

– Според стратешката програма на владата за намалување на аерозагадувањето, односно планот за чист воздух од периодот 2019-2020, за прв пат се издвојуваат посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето. За оваа намена беа обезбедени дополнителни 1.5 милиони евра. Згора на се, оваа програма имаше план да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50 отсто, додека во другите градови коишто се засегнати повеќе од некои други, намалувањето е помеѓу 30 отсто и 50 отсто. Начинот на финансирање на активностите беше со почетен посебен фонд од 1.5 милиони евра и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштита на животната средина во висина од 20 милиони евра, наведуваат од МОФ.

Оттаму посочуваат дека идејата за герила акцијата, фокусирана на аерозагадувањето и проблемот со воздухот во градот била поттикната од младите активисти од средношколските клубови на МОФ.

Иницијативата е дел од проектот „Креативна младинска акција за животна средина“, поддржан од Фондација Отворено Општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторот и не нужно ги изразува ставовите на Фондација Отворено општество – Македонија.