Ќе се бројат ли јавно ливчињата од скопските гласачи?

Државната изборна комисија ги коригираше првично објавените податоци за 48 приговори за постапката на гласање, сумирање и утврдување на резултати од првиот круг од локалните избори што се одржаа на 15 октомври. Во предвидениот рок се поднесени вкупно 46 приговори.

Најмногу приговори поднела ВМРО-ДПМНЕ 43 и по еден од ТМРО, Алијансата на Албанците и Левица.
Во приговорот на ТМРО се бара поништување на гласањето на сите избирачки места во Град Скопје изразувајќи сомнеж во работата на изборната администрација.

– Бараме кутиите од општинските изборни комисии во град Скопје да се бројат јавно пред медиуми, во присуство на овластен претставник на партијата. Имаме недоверба во записниците од општинските избирачки комисии на 675 места за градот Скопје, каде гласовите добиени за други кандидати кои не се од ДПМНЕ и СДСМ се делат помеѓу овие две партии. Од овие причини, го користиме правото на приговор, согласно Изборниот законик и ќе бараме јавно поединечно броење на ливчињата од сите кутии, соопштија од партијата на Ванчо Шехтански.
ДИК е должна да реши по приговорите на кандидатите во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето, во рок од 48 часа по приемот.

Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

До ДИК претходно беа поднесени 48 приговори од граѓани за заштита на избирачкото право, бидејќи ги немало во Избирачкиот список и не можеле да гласаат.

Иако ДИК постапила по овие приговори, граѓаните нема да можат да гласаат ниту во вториот круг од локалните избори имајќи предвид дека Избирачкиот список е веќе заклучен. Еден гласач се жалел дека го немало во изводот од Избирачкиот список, а го имало при електронската проверка преку веб алатката на ДИК.

Во однос на заштитата на избирачкото право на граѓаните, претседателот на ДИК Александар Чичаковски во интервју за МИА рече дека во Изборниот законик постои одредена неконзистентност во однос на ова право. Тоа, како што посочи тој, се констатира и во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР од претходните избори и се наведува дека претставува неефикасен правен лек бидејќи дури и ДИК да најде основаност не постојат правни средства за да може да биде интервенирано.

– Во случај граѓанинот да не е запишан во Избирачкиот список не постои можност за дополнително запишување во списокот затоа што изборите се спроведуваат со податоци во ИС којшто е заклучен од ДИК. Тие забелешки постојат, истакна Чичаковски.

Во некоја идна фаза по спроведување на изборите, истакна тој, во една поширока дебата во која ќе партицираат поширок број на граѓани и политички партии може да се дискутира за начинот на обезбедување на ефикасен правен лек за оваа категорија граѓани кои поднесуваат приговори за заштита на нивното избирачко право за да може да се обезбеди соодветен ефикасен правен лек.

Вториот круг на локалните избори ќе се одржи на 29 октомври.