Ќе почне ли грејната сезона во Скопје пред 15. октомври?

ЕСМ Снабдување со топлина упати последен апел до сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење во Скопје навремено да ги завршат подготовките за претстојната грејна сезона 2026/2027 година.

Од компанијата потсетуваат дека редовното одржување на внатрешните грејни инсталации е обврска на потрошувачите, кои се повикуваат сите интервенции да ги пријават во Центарот за грижа на потрошувачи веднаш по нивното завршување. За правилно функционирање на системот неопходно е да се обезбеди пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување.

Официјалниот почеток на грејната сезона е предвиден за 15 октомври, но согласно регулативата таа може да започне и во периодот од 1 до 15 октомври доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден изнесува 12 степени или пониско, врз основа на податоците од УХМР.

До 15 октомври на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавуваат информации за исполнетоста на условите за испорака на топлинска енергија.

Потрошувачите можат да се обратат за информации и пријавување дефекти во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на 02 3104 816 и 02 3104 872.