Ќе плаќаме поевтина струја

За не повеќе од една до две години, граѓаните ќе плаќаат пониски цени за струја, тврди вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев во Охрид, каде првите луѓе на електро-преносните компании од Југоисточна Европа ги договараат чекорите за формирање на единствен регионален пазар на струја. 

Како резултат на подобрувањето на политичките односи со Бугарија било договорено спојување на македонскиот и бугарскиот енергетски пазар.

„Тоа на Македонија и граѓаните ќе им донесе да се изедначат цените на Македонија со Бугарија каде цените на електрична енергија се пониски затоа што Бугарија е нето извозник на електрична енергија, а Македонија е нето увозник“, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Со единствен регионален пазар на струја, цените ќе бидат приближно исти со оние во европските држави кои иако се побогати во овој момент имаат пониски цени.