Ќе падне ли товар од грбот на граѓаните: Се менува законот за потрошувачки кредити

Министерството за финансии преку единствениот национален електронски регистар на прописи започна консултации со јавноста околу измените на законот Закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Промените се со цел граѓаните да не плаќаат прекумерни трошоци за потрошувачките кредити и да се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, ќе се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити.

Согласно постојните законски прописи во Република Македонија, трошоците кои кредиторите ги пресметуваат и наплатуваат за одобрените потрошувачки кредити кои се вклучуваат во определувањето на годишната стапка на вкупни трошоци не се ограничени што им дава можност на кредиторите да пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето на потрошувачки кредити.

Донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити е во насока на намалување на трошоците кои потрошувачите ги плаќаат при одобрување и отплата на потрошувачкиот кредит, намалување на ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, како и овозможување примена на одредбите од Законот на договорите за кредит на износи помали од 200 евра во денарска противвредност и на договорите за кредит за кои потрошувачот депонира предмет кај кредиторот.