
ВМРО-ДПМНЕ денеска во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
На Конгресот ќе има претставување на кандидатот за претседател, во чии рамки ќе треба да даде визија за следниот период.
Потоа следува самото гласање, по што ќе има извештај на Изборната комисија. Ќе бидат избрани претседател и членови на статутарната комисија кои што ги предлага претседателот, како и на комисијата за надзор на материјално финансиско работење. На крај, на Конгресот е предвидено обраќање на избраниот претседател на партијата.
Мицкоски најави дека доколку биде избран тоа ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Статутот на партијата предвидува една личност да може да биде реизбрана за претседател најмногу три мандати. – И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот, рече актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски.
Тој истакнува дека е важно да се потенцира тоа што прв пат како политичка партија немаат долгови. Во 2018 година, рече, ситуацијата не беше розева, ниту пак предвидувањата за ВМРО-ДПМНЕ, но во овој момент немаме изложеност кон банки, немаме долгови кои што условно сме ги имале во минатото, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.