Ќе ни бидат потребни речиси две години да го достигнеме нивото на БДП од 2019

Светска банка проценува дека македонската економија минатата година падна 5,1 отсто, а годинава очекува раст на домашниот бруто-производ за 3,6 отсто и 3,5 отсто наредната година.

Ова, математички, укажува дека враќање на БДП на нивото пред пандемијата ќе може да се очекува дури наредната година, под претпоставка дека и оваа и во 2022 година македонската економија ќе успее да ги оствари предвидените стапки на раст. Според статистиката, македонскиот БДП во 2019 година изнесуваше 11,2 милијарди евра, што значи дека падот од 5,1 отсто лани е соодветен на 571 милион евра. Ако кон ова се додаде и изгубениот раст за минатата година, кој се очекуваше пред пандемијата, тогаш загубите во македонската економија се доближуваат и до милијарда евра,објави Независен.мк. 

Според најновиот извештај на Светска банка за Глобалните економски перспективи, објавен деновиве, растот на Западен Балкан се очекува да се зголеми за 3,5 проценти во 2021 година, под претпоставка дека потрошувачката и деловната доверба се враќаат со ставањето под контрола на пандемијата со КОВИД-19 и со намалување на политичката нестабилност.

Економиите кои што се зависни од туризмот, особено Албанија и Црна Гора, се предвидува да доживеат поробустен скок на активностите отколку другите земји на регионот.

Светска банка предупредува дека растечките фискални обврски во земјите од регионот го намалуваат просторот за фискална поддршка, додека во исто време, владините буџети ќе бидат дополнително стеснети поради дополнителното трошење потребно за спротивставување на штетните економски ефекти од пандемијата со КОВИД-19.

И покрај ваквите околности, среднорочниот раст и продуктивноста во Албанија и во Северна Македонија би требало да зајакнат со забрзување на структурните реформи во рамките на подготовките за членство во ЕУ, под претпоставка дека преговорите околу процесот на пристапување нема да се одложуваат понатаму, нагласува Светска банка.

Земјите од регионот исто така се очекува да имаат корист од неодамна усвоениот Економски и инвестициски план на ЕУ, кој ќе мобилизира фондови за финансирање и поддршка на проекти за поврзување, човечки капитал, конкурентност и инклузивен раст и зелена и дигитална транзиција, се вели во извештајот.

Инаку, од земјите во регионот, најдолг период за економско закрепнување ќе ѝ биде потребен на Црна Гора, дури и ако забележи значителен пораст на туристичката индустрија оваа година. Црногорската економија минатата година имаше реален пад од 14,9 проценти, а оваа година може да очекува раст од 6,1 процент, а во 2022 година 3,9 проценти.

Поради минатогодишниот пад, бруто домашниот производ (БДП) сега има пониска основа и ќе мора да порасне за 20 проценти за да се достигне номиналната сума од 2019 година. Според проекциите за раст од извештајот на СБ, ова може да се случи само во 2025 година, пишуваат црногорски Вијести.

Инаку, според податоците за економскиот раст што ги објави Светска банка во извештајот најбрзо закрепнувањеод земјите во регионот ќе има Србија, чија економија лани падна за два проценти, додека во 2021 година се предвидува раст од 3,1 процент, што значи таа ќе го достигне нивото на БДП од 2019 година веќе годинава.

Економијата на Хрватска, која исто така е во голема мера зависна од туризмот како Црна Гора, минатата година падна за 8,6 проценти, се вели во извештајот на Светска банка а годинава ќе има раст од 5,4 проценти и 4,2 отсто следната година.

БДП на Босна и Херцеговина минатата година падна за четири проценти, додека, според проекциите на СБ, реален раст на БДП годинава ќе изнесува 2,8 отсто и 3,5 проценти следната година. Економијата на Албанија лани имаше пад од 6,7 проценти, а годинава се очекува раст од 5,1 отсто, додека следната година растот ќе изнесува 4,4 проценти, прогнозира Светска банка. Косово минатата година имаше економски пад од 8,8 проценти, додека се очекува растот да биде 3,7 проценти оваа година и 4,9 проценти следната година.

Во новиот извештај, Светска банка очекува дека заздравувањето на економијата ќе трае подолго отколку во предвидувањата објавени во јуни минатата година.

„Поради заживување на КОВИД-19, се предвидува темпото на закрепнување во 2021 година да биде побавно отколку што првично се очекуваше. Сега се очекува дека во 2022 година, ефектите од пандемијата постепено ќе ослабат и заздравувањето на трговијата и инвестициите ќе добие на интензитет. Сепак, овие изгледи се уште се многу неизвесни, а растот може да биде послаб од предвидениот ако пандемијата трае подолго од предвиденото, заострувањето на условите за надворешно финансирање или ескалацијата на геополитичките тензии“, се вели во извештајот на Светска банка објавен на 6 јануари.

Според Светска банка изгледите за претходно очекуваниот раст во 2021 година сега се замаглени и поради наглото зголемување на неизвесноста како резултат на зголемувањето на новите случаи на КОВИД-19, „што придонесе за социјални немири во некои земји и ризик од ескалација на геополитичките тензии“.

„Неколку земји од еврозоната беа принудени да воспостават ограничувања на движењето и работата низ целата земја, што може да ја ослабне надворешната побарувачка во Европа и Централна Азија, како и да предизвика пад на потрошувачката и инвестициите. Ако продолжи падот на патувањата, резултатите од растот може да бидат многу послаби, особено во економиите кои зависат од туризмот“, се наведува во извештајот на Светска банка.

Во однос на светските перспективи, од Светска банка се укажува дека иако глобалното економско производство закрепнува од колапсот предизвикан од КОВИД-19, тоа ќе остане под трендовите пред пандемија за подолг период.

Во извештајот се нагласува дека пандемијата ги влоши ризиците поврзани со деценискиот бран на глобална акумулација на долг. Исто така, веројатно ќе го засили долго очекуваното забавување на потенцијалниот раст во следната деценија.

Во предговорот на извештајот претседателот на групата Светска банка Дејвид Малпас вели дека сега е од витално значење да се направат вистински инвестиции за поддршка на закрепнувањето кога е итно потребно и за зајакнување на отпорноста.

„Нашиот одговор на пандемиската криза денес ќе ја обликува нашата заедничка иднина за годините што доаѓаат. Треба да ја искористиме можноста да ги поставиме темелите за трајна, правична и одржлива глобална економија“, вели Малпас.