Ќе јадеме ли чоколади со ист квалитет како европејците?

Одборот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите во Европскиот парламент го усвои законот со кој се забранува продажба на исти производи, но со различен квалитет. Со ова практично Европската Унија призна дека големите светски брендови произведуваат исти производи, но со подобар квалитет за западните земји, а со полош за Истокот и за Балканот.

- Повеќе од 80 отсто од граѓаните сметаат дека големите корпорации нè третираат како граѓани од втор ред. Тоа се бројки што ги добив кога го правев првото истражување на квалитетот на нашиот и на германскиот пазар со Хрватската агенција за храна - истакна хрватската пратеничка Билјана Борзан.

На нашиот пазар се пласираат производи кои и не ги поминале сите тестови и не се продаваат на западните пазари. Переме со американски прашок, но произведен во Чешка или во Полска, се бричиме со жилети произведени во Арапските Емирати, јадеме германска супа произведена во Србија, готвиме на турски, а не на германски шпорети. Разликите се толку очигледни што не е потребно лабораториско испитување за да се докаже разликата.

Но забраната засега директно нема да важи за Македонија, зашто ние не сме дел од европскиот пазар. Но, кај нас се подготвуваат измени на Законот за заштита на потрошувачите, што треба да бидат усогласени со европската регулатива.

„Ќе настојуваме да се транспонираат овие одредби од директивите за нечесната пракса во нашето законодавство, зашто како земја ја усогласуваме целата наша регулатива со европските директиви.“ - велат од Организација на потрошувачи.

Големите брендови го намалуваат квалитетот на производите за да биде атрактивен со цените, со што го уништуваат и домашното производство.

Македонија не направила истражување, но искуствата од Хрватска покажале дека пастите за заби, детергентите, чоколадата, шампоните, па дури и кондомите, белата техника и козметиката се со далеку послаб квалитет на Балканот, отколку во Германија на пример.

Во Директивата е пропишано производителите што пласираат производи со различен квалитет да бидат казнувани со до 4 отсто од нивниот годишен промет.

„Нутела“ е еден од производите што во различни земји имаат различен квалитет, а љубителите на овој производ ќе се израдуваат кога ќе слушнат дека сега ќе биде ист за сите.