Ќе ја преживеат ли граѓаните високата инфлација?

Инфлацијата ги испразна паричниците на граѓаните, со што семејствата, во нашата земја, сега мора да се издржуваат и да преживуваат на кредити, сиромашни трпези и минимална плата.

Според она кое граѓаните го коментираат на социјалните мрежи може да се запримети нивното незадоволство од оваа моментална состојба, револтот кој го имаат, како и стравот дали и колку долго можат да издржат со вакви услови за живот.

Инфлацијата не е проблем само во нашата земја, ова е глобална криза. 

Но за жал, стандардот на нашата земја е различен од оној  на западните земји, па така за тукашни услови оваа состојба е исклучително тешка. Ваквата состојба и македонската минималната плата, која едвај може да престигне за еден човек, а не да издржува четиричлено семејство, го прават живеењето во пост ковид-криза екстремно тешко за граѓаните.

ССМ вчера излезе со остра реакција кон ова. 

-Претставниците на Владата од нивните удобни фотељи во климатизираните кабинети гледаат розов свет, за разлика од работниците кои и покрај тоа што работат од ден на ден се сѐ посиромашни поради тоа што инфлацијата изнесува 14,5 отсто, синдикалната минимална кошница за една година е зголемена за 5.498,00 денари односно за 16 отсто, разликата меѓу просечната нето-плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денари, цената на лебот за 1 година е зголемена за повеќе од 100 проценти, на маслото за јадење за 94 проценти, на горивата за 64,5 проценти, не електричната енергија за 9,4 проценти, на гасот за 64,6 отсто, а не е намалена на ниту еден производ или енергенс, реагираат од ССМ.