Ќе има поголем број полицајци на критичните автобуски постојки во Гази Баба

По повод немилите настани во автобусите на ЈСП Скопје кои изминатата недела континуирано се случуваа на територија на општина Гази Баба, градоначалникот Бобан Стефковски, свика Совет за превенција, на кој присуствуваа и претставници на МВР. По одржаната седница, тој на својата официјална Фејсбук страница, ги соопшти усвоените заклучоци:

-1. Советот за превенција на општина Гази Баба со загриженост ги прими информациите за инциденти во автобусите на ЈСП Скопје кои континуирано се случуваа во текот на минатата недела;

2. Полициската станица од општа надлежност Гази Баба превзема обврска во следниот период да обезбеди зголемено присуство на униформирани службеници на критичните автобуски постојки, внатре во автобусите но и во критичните населени места;

3. Општина Гази Баба во насока на идна превенција превзема обврска за организација на најразличен вид на настани со ученици од различни етнички заедници со цел поттикнување на соживот и другарување;

4. Општина Гази Баба превзема обврска да достави барање до ЈСП Скопје во кое ќе се побара автобусите кои се обраќаат на тој дел од општината да имаат функционален мотиноринг видео систем, како и зајакнување на контролата на терен;

5. Општина Гази Баба превзема обврска да достави писмо за информирање до секторот за образование на град Скопје за приклучување во активностите за надминување на настанатата ситуација, бидејќи учесниците во настаните се средношколци, како и се превзема обврска за организирање на состанок со директорите на средните училишта на град Скопје.

6. Општина Гази Баба превзема обврска за доставување на иницијатива до Министерот за Внатрешни работи за иницирање на постапка за избор на командир на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба;

7. Советот за превенција на општина Гази Баба превзема обврска да работи во насока на надминување на ваквите случувања со цел истите во иднина да не се повторат. - стои во заклучоците.

Стефковски порача дека како градоначалник ќе направи се што е во негова надлежност, со цел во иднина вакви настани да не се повторуваат. 

„Гази Баба е мултиетничка општина и наша обврска е да работиме на градење соживот помеѓу сите генерации на граѓани. Насилството да го замениме со другарување, а омразата со пријателство“, напиша Стефковски.