Ќе има ли пренамена на средствата планирани за новогодишно украсување?

Скопјани речиси секој ден се трујат со штетен воздух кој е повеќе од три пати над дозволените граници. И утрово концентрациите на ПМ10 честици се високи а најзадено е во Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Ѓорче. Минатата вечер ПМ10  честичките изнесуваа над 200 мг што е за три пати повеќе од дозволеното. Еко активистите од Движење за чист воздух најавуваат протести и  блокади на институции и загадувачи.  

Во услови на енормно загадување се зголемува ризикот од ширење на заразата па затоа се воведе и мерка задолжително носење маски. Од една страна премиерот и министерот за здравство апелираат  граѓаните да не излегуваат од дома, а од друга страна Град Скопје подготвува новогодишно украсување на метрополата кое ќе чини 200 000 евра. Опозицијата побара да се пренаменат овие пари за лаптопи на ученици или за медицински цели. Не добивме одговор од градоначалникот дали ќе отстапи од намерата за украсување. Нејасно е и кој ќе може да ужива во новогодишната атмосфера ако се земат предвид бројките на заразени и евентуално новите рестрикции за движење на граѓаните. 

Високо ниво на ПМ честици има и во воздухот кој го дишат граѓаните во Куманово, Битола, Тетово, Струмица, Кочани. Властите не преземаат никакви интервентни мерки повикувајќи се на податоците од државните  мерни станици кои не покажувале високи среднодневни концентрации последователно неколку дена.